Претставнички на Пелагона Прва учествуваа на годишната средба „Женски кружок“ во Струга

Во организација на Здружението за родова рамноправност Акција Здруженска од Скопје, беше организиран осмиот по ред годишен „Женски кружок“ во Струга, Здружението Пелагона Прва, како грантист на оваа организација учествуваше со свои претставници, заедно со по една претставничка од женските кружоци од с. Кривогаштани и с. Обршани.

Настанот обедини повеќе од 85 жени од различни заедници низ Македонија, кои преку размена на искуства, интерактивни сесии и заеднички дискусии ги споделија своите достигнувања, предизвици и научени лекции од изминатата година.

За нашите претставнички, ова беше можност да слушнат инспиративни приказни за локални иницијативи кои резултирале со конкретни промени во заедниците, да стекнат нови знаења и идеи и да воспостават контакти со жени кои активно придонесуваат за развојот на своите локални средини.

Учеството на оваа средба претставува значаен чекор во процесот на јакнење на женските кружоци во Кривогаштани и Обршани и дополнителна мотивација за продолжување на активностите насочени кон поголемо учество на жените во локалното одлучување и развојот на заедницата.

Веруваме дека ваквите средби ја потврдуваат важноста на меѓусебната поддршка, вмрежувањето и размената на искуства, бидејќи токму преку заедничко делување се создаваат одржливи промени во локалните заедници.

Заедно сме погласни. Заедно сме посилни.