#БидиКако – Кога инспирацијата има женско име

Во текот на изминатиот период, Здружението Пелагона Прва ја реализираше иницијативата #БидиКако, посветена на промоција на позитивни женски примери и личности кои со својата работа, посветеност и успеси претставуваат вистинска инспирација за младите генерации.

Преку серија објави беа претставени жени кои успеале да ги надминат предизвиците, да ги поместат границите во спортот, образованието и професионалниот развој и да покажат дека упорноста, трудот и вербата во себе можат да доведат до исклучителни резултати.


Меѓу претставените идоли беше нашата сограѓанка Елена Карафилоска – Ртоска, македонска шампионка во sky running или “трчање во облаците”  која е софтверски инженер и страствен спортист и успешно ги комбинира професионалната кариера и љубовта кон спортот.

Во рамки на иницијативата беше претставена и Јасмин Карина Парис, ултрамаратонка, ветеринар и мајка, која со своите достигнувања покажа дека жените можат успешно да ги балансираат професионалните и личните обврски, без притоа да се откажат од своите соништа.

Особено внимание беше посветено и на светски познатите спортски имиња Јаница Костелиќ, една од најуспешните хрватски скијачки во историјата, и Кристин Харила, планинарка која постави светски рекорди и стана симбол на истрајност и храброст.

Целта на иницијативата #БидиКако беше да покаже дека успешните жени не се недостижни херои, туку реални личности чии приказни можат да мотивираат, охрабрат и поттикнат промени.

 Нивните животни патишта се доказ дека успехот не зависи од полот, туку од желбата, посветеноста и подготвеноста да се вложи труд за остварување на сопствените цели.

Веруваме дека секоја заедница има потреба од позитивни примери. Токму затоа ќе продолжиме да ги истакнуваме приказните на жени кои инспирираат, охрабруваат и покажуваат дека границите постојат само за да бидат надминати.

Биди храбра. Биди упорна. Биди инспирација. #БидиКако