Македонија за првпат добива свој претставник во меѓународната иницијатива Kili4Kids, проект на Лајонс заедницата кој преку планинарски експедиции собира средства за изградба на училишта и обезбедување еднаков пристап до образование за децата ширум светот.
Претставник на Македонија во проектот е Маријана Ѓорѓиевска, планинар и основач на здружението Пелагона Прва, кое работи на промоција на планинарството и афирмација на жената во спортот и планинските активности.
По успешната реализација на две училишта во Кенија и Танзанија и тековната поддршка за трето училиште во Непал, следната мисија на Kili4Kids е искачување на врвот Ут Кангри (6070 мнв) во Индија. Целта на оваа експедиција е собирање средства за изградба на четвртото училиште, кое ќе биде реализирано токму во Индија.
Kili4Kids обединува жени од различни земји околу заедничка цел – преку силата на спортот, солидарноста и хуманоста да создадат подобри можности за идните генерации.
Кога волјата на жената ќе се соедини со моќта на планината, се отвора пат кон сигурна иднина – иднина во која секое дете има еднаков пристап до образование.



