11 декември – Светскиот ден на планината

Секоја година на 11 Декември се слави Светскиот ден на планината, ден кој за Македонија како планинска земја со над 80% планинско подрачје е од исклучителна важност. Во светски рамки, планините покриваат околу 22% од површината на земјата и 13% од светската популација живее во овие предели.

Живееме во време кога здравиот начин на живот е секојдневна преокупација на сите, а темите поврзани со здравите животни навики, здравата исхрана, грижата за сопственото здравје и менталната добросостојба се издигнува на едно повисоко ниво од претходно. Паралелно со тоа поактуелна е поврзаноста на достигнувањето на тие цели преку соединувањето со природата, особено со планинарењето.

Со еден ден поминат на планина се добиваат многу придобивки: чист воздух, физичка активност, дружба, акумулирање на сончева енергија, ослободување од негативната енергија, намалување на стресот и постигнување рамнотежа. Она што го нуди планината како чувство тешко се опишува, но оној кој за момент ја препознал големината на природата никогаш нема да биде рамнодушен на неа.

Планините имаат важна улога во зачувувањето не само на нашето здравје туку и на здравјето на планетата. Тие ги штитат сливовите кои обезбедуваат пивка вода за населението, тие се дом на дивите животни, тие придонесуваат за намалување на загадениот воздух…


Но што е она што ние го правиме за планината?


Таа го чува нашето ментално и физичко здравје, но што правиме ние за да ја зачуваме неа?!

Планините никогаш попосетени, успесите на регионално ниво никогаш поголеми, но сметот, егото и меѓусебниот натпревар за себеистакнување се поистакнати. Ја посетуваме планината – но никако да научиме да ја чуваме.

Затоа денес, на интернационалниот ден на планината да се обидеме да бидеме како неа:

  • Да бидеме силни и издржливи како планина;
  • Да бидеме фокусирани во целите кон кои се стремеме да ги постигниме – работејќи напорно, но чесно.
  • Да го допреме небото, но сепак, цврсто да стоиме на земјата. Бидејќи некаде измеѓу самиот старт на искачувањето и финишот, доколку останеме силни и детерминирани за да ги надминеме сите падови и неуспеси, можеме да се пронајдеме себеси и причините за нашето постоење.

Не се предавајте во борбата да станете најдобра верзија од себеси, бидејќи нема ништо невозможно ако цврсто и напорно работите на своите цели. Но, не го уништувајте изворот на таа сила! Чувајте ја планината, понесете го сметот со себе, не ги уништувајте дрвата – напротив засадете! На тој начин ја проширувате својата среќа.


Планината е светилиште кое мораме да го чуваме!