За вљубениците во природата на 01 и 02 Јуни 2024г во Самоков се одржа третиот адреналински фестивал на отворено SAMOKOV XTREME. Главната цел на овој фестивал е развојот на туризмот во Поречкиот регион и ставање на село Самоков на мапата на атрактивни дестинации за авантуристички туризам.


Базата на фестивалот, беше на фудбалскиот стадион, каде имаше организирано кампување на учесниците, придружено со културно забавни активности. Учесниците учествуваа во различни адреналински дисциплини од типот на: возење со теренски возила, мотокрос, АТВ возила и планинарeње.
За учесниците во планинарењето обезбедивме патека преку која се откриваат убавините на Самоков и Поречието. Се стремиме кон Порече заради не толку често посетените убавини кои пленат со зеленило и недопрена природна убавина. Добра Вода е не толку посетена планина и токму заради тоа плени со својата недопрена убавина. Таа е висока венечна планина во Македонија што се издига помеѓу долината на Мала Река од исток и Кичевската Котлина од запад. Се дели на два дела: северен (познат и под името Челоица) со највисок врв Добра Вода (2.062 м) и јужен (познат како Песјак) со врвовите Кула (1.917 м) и Коњарник (1.874 м).


Старт на планинарската тура беше од село Самоков кое се наоѓа во областа Порече, во западниот висок планински дел на територијата на Општина Македонски Брод. Селото е ридско, на надморска височина од 600 метри. Патеката е кружна, во должина од 15 километри, со движење низ краток асфалтен пат од 1,5 км. По изминување на асфалтот движењето е низ шумска патека кадешто во најголем дел сме под сенка, опколени со високостеблеста шума и сите нијанси на зелено. Учесниците уживаа во адреналинското издание и несекојдневната убавина која ја нуди овој реон со намера повторно да се вратат во Поречието.

