Меѓу врвовите и соништата – Хималаи

Во периодот од 20 октомври до 7 ноември 2024 година се реализира експедиција на Хималаите во Непал за искачување на врвот Исланд Пик (Imja Tse) во висина од 6189 мнв. Аклиматизационо беше искачен и врвот Чукун Ри со висина од 5.550 мнв.


Во оваа експедиција учествуваше и Маријана Ѓорѓиевска, основач и претседател на Здружението Пелагона Прва од Прилеп. За неа, покрај личниот успех, оваа експедицијата беше одлична можност за афирмација на жената во планинските спортови, особено за градот Прилеп и Македонија.

Предводена од претходните успешни искачувања на четири континенти во светот и комплетната психо – физичка подготвеност, беа одлична основа за превземање на еден ваков сериозен чекор. Хималаите се сон на секој планинар, насекаде во светот. До нив се стигнува преку патот кој ретки го одат, но никогаш само еднаш. Мистичноста на целиот предел го остава човек воодушевен, а прекрасните планински пејзажи со сите светски познати врвови го одземаат здивот на секој поединец.

За оваа животна авантура, Ѓорѓиевска вели: ,, Нема ништо слично на чувството кога се наоѓаш на планина, кога искачуваш врв и кога се симнуваш од него. Чист воздух и неповторливо чувство на свесност да се биде толку мал но толку жив! Планините во Непал ќе ве инспирираат и воздигнат на чудесен начин нудејќи неповторливо чувство на возбуда, страв, почит и среќа. Но сигурно, еден ден, раскажувајќи ја сопствената приказна за тоа како успеав да се искачам на еден Хималајски врв, низ што поминав претходно, но и за време на искачувањето – за некого ќе биде лекција за преживување. Раскажете ја својата приказна и мотивирајте ги другите!‘‘

Започнувајќи од главниот град на Непал – Катманду, преку возбудливот лет до Лукла се стигнува до центарот на сите хималајски експедиции – Намче Базар. Тука веќе станувате свесни дека во тек е реализацијата на сопствениот сон. Продолжувајќи по долината Кумбу, повеќедневно пешачејќи преку Националниот парк Сагармата, кој претставува реална визуелизација на сонот на секој високогорец бидејќи тука, на длака, се врвовите Лотце, Нупце, Чо Ојо, Макалу. Во текот на пешачењето се стигнува и до Everest View Point (3880мнв) од каде може директно да се ужива во погледот на највисокиот врв на светот – Монт Еверест 8848 мнв. До базниот камп се стигнува преку голем број села, каде се спие во локални лоџови, а по доаѓањето во базниот камп кој се наоѓа на 5100 мнв се ноќева во шатори. ,,Цела таа авантура е предводена од водич и главен шерпас од локална непалска агенција, а на завршното искачување се приклучија дополнително уште 4 помошни шерпаси. Завршното искачување започна на 31.10.2024 година во 23 часот по локално време. По речиси 10 и пол часа искачена беше највисоката точка предвидена во експедицијата. Враќањето беше по ист редослед, но со дополнителни 7 км пешачење за подобар сон на пониска надморска височина. Временските услови во текот на целата експедиција беа совршени, со исклучок на последниот ден. Последните 20 км беа поминати во дожд и во текот на тоа пешачење се поставуваше прашањето: Дали се ова солзите на планината бидејќи знае дека се разделуваме или чиста случајност?

Одговор не успеавме да добиеме, но сигурно ќе се вратам за да го дознаам…