Патеки и Врвови: Преглед на 2024

Краток осврт на се она што беше реализирано преку Здружението за планински активности и афирмација на жената во спортот ПЕЛАГОНА ПРВА Прилеп во текот на 2024 година


Изминаа веќе 4 години од постоењето на Здружението Пелагона Прва кое веќе започнува да го завзема обликот кој е замислен при оформувањето и да се придвижува кон саканата насока. Оваа година за прв пат се спроведени неколку поголеми проекти.


I Во текот на 2023 година за прв пат беше аплицирано на отворен повик. Отворениот повик се однесуваше за ,,Поддршка на женски спортски клубови и спортски клубови и организации предводени од жени,, објавен од страна на TAKT (Together Advancing Common Trust)- непрофитна организација посветена на поттикнување меѓукултурно разбирање, промовирање дијалог меѓу заедниците, борба против родовата и социјалната дискриминација и зајакнување на ранливите групи.


По детална евалуација на скоро 40 заинтересирани клубови избрани беа 5 клуба/здруженија на ниво од цела држава. Меѓу избраните беше и Здружението ПЕЛАГОНА ПРВА.

Во рамките на овој повик Здружението го реализира проектот ,,Ехото на жените планинарки,,. Главна цел на проектот преку реализираните активности во текот на 2024 година беше: Создавање нова вредност на жените планинарки во заедницата со која ќе се зголеми нивната видливост и ќе се слушне нивниот глас преку променети ставови на месното население за жените кои избрале да се занимаваат со планинарење.

Паралено за потребите на овој проект беше оформена веб страна на Здружението и Фан страна на социјалната мрежа Фејзбук – со цел да се зголеми видливоста на Здружението.

II Во почетокот на 2024 година, поднесена бше апликација со предлог проект за Финансирање на здруженија и спортски клубови од страна на локалната самоуправа Прилеп. Проектот со наслов ,,Низ кралството на Пелагонците,, се однесуваше на искачување на највисокиот врв на Селечка планина, врвот Висока и предавање на самиот врв за културно- историското значење за Македонија. Истиот беше прифатен и финансиран од страна на Локалната самоуправа. Оваа 2024 година, овој настан се одржа официјално по втор пат, а неофицијално по 5 пат.


Заинтересираноста за настанот оваа година беше навистина голем, но за жал временските услови не дозволија да се реализира онака какошто беше планирано и подготвено. Неизвесноста од временските услови при одржувањето на настани од отворен тип е најголем предизвик и тоа е нешто што не може да се предвиди. Затоа, датумот на реализација се одложи и истиот се одржа во значително помал број, но со поставување на обележје на самиот врв. Се она што беше обезбедено за освежителните пунктови, веднаш по одложувањето на настанот беше донирано и разделено на семејства кои се наоѓаат во социјален ризик.


Овде морам да изразам голема благодарност до лицата кои буквално инсистираа за заедничко поставување на обележјето на самиот врв, а посебна благодарност до оној кој го донираше самото обележје. Без нив – тоа ќе беше само замисла чија реализација можеби сеуште немаше да се случи.

III Во текот на 2024 година се реализира искачување на врвот Исланд Пик 6189мнв, на Хималаите во Непал. Оваа експедицијата беше одлична можност за афирмација на жената во планинските спортови, особено за градот Прилеп и Македонија што исто така е успех на сите, особено на Здружението земајќи во предвид дека првиот жител од градот Прилеп кој се искачил на Хималаите е дел од Здужението Пелагона Прва и е жена.


Општина Прилеп, повторно ја препозна желбата за промоција на нашиот град и држава и скромно финансиски го поддржа овој високогорски подвиг.


Сосема спонтано и непланирано ова искачување беше поддржано и од гореспоменатата организација ТАКТ, на која безрезервно им благодариме. Тие се вистински ветар во грб на сите жени кои решиле преку спортската активност да направат позитивна промена во заедницата, особено за жените од адреналинските, ненатпреварувачки спортови.

IV Mожеби и најдрагиот проект кој Здружението ПЕЛАГОНА ПРВА го реализираше во текот на 2024 година, а тоа е учество во проектот на географската секција ,,Млади ентузијасти,, при ООУ. Кире Гаврилоски Јане од Прилеп. (Искачување на Кораб, Титов врв, Димев врв- Пелистер, Козјак, Трескавец, Томов дом и Маркукуле).


Преку теоретско и практично пренесување на стекнатите искуства и знаења, Здружението Пелагона Прва го поддржа овој проект со единствена цел – регрутирање на нови планинари. Ова е поле на кое понатаму Здружението поактивно ќе се ангажира.

V На покана на Општина Македонски Брод и Здружението Форум за авангардна креативност како главни организатори на адреналинскиот фестивал ,,Самоков екстрим,, по трет пат во 2024 година ги откривавме убавините на недопрената убавина на Поречието, Самоков и планината Добра вода преку организација на планинарската тура.
Во рамките на можностите активно ги поддржавме сите настани од секаков карактер кои предизвикуваат позитивна промена во заедницата и градење на позитивни вредности во општеството.
Но сето ова не би било возможно:

  • без меѓусебната поддршка која меѓусебно си ја даваме;
  • без критиките – особено оние негативните бидејќи на тој начин растеме и откриваме дека сме видливи,
  • без пофалбите – кои мотивираат и укажуваат дека се движиме во правилната насока.

– Затоа сакаме да изразиме голема благодарност до сите оние кои на билокаков начин беа тука за реализација на се погоре споменато. Без човечки ресурси нитуеден проект – без оглед колку добро е осмислен или напишан не може да се реализира.

– Воедно би сакале да ги охрабриме сите оние кои имаат желба за вклучување во идните проектни активности или имаат некаква замисла, слободно да се обратат за заеднички да направиме промена за подобро општество за сите.

– Како и досегашните спроведени активности, така и во идните ќе биде вметната родовата нишка. Подобрување на видливоста на жените во планинските спортови и валоризација на постигнатите резултати ќе доведе до зголемување на нивното влијание во заедницата.

За следната 2025 година предвидени се неколку проекти кои се во почетна верзија и за кои се надеваме дека ќе има успешна реализација.

А до тогаш, во Новата 2025 година ви посакуваме се најдобро и со нови сили одиме во нови победи!