Зголемување на влијанието и видливоста на жените во планинските спортови и заедницата

Во текот на 2023 година Здружението Пелагона Прва аплицираше на отворениот повик за ,,Поддршка на женски спортски клубови и спортски клубови и организации предводени од жени,, објавен од страна на TAKT (Together Advancing Common Trust)- непрофитна организација посветена на поттикнување меѓукултурно разбирање, промовирање дијалог меѓу заедниците, борба против родовата и социјалната дискриминација и зајакнување на ранливите групи.

По детална евалуација на скоро 40 заинтересирани клубови избрани беа 5 клуба/здруженија на ниво од цела држава меѓу кои и Здружението ПЕЛАГОНА ПРВА од Прилеп.


Активности започнаа некаде од крајот на 2023 година најпрво преку обуки на тема ,,Пристап до финансирање и грантови,, потоа пишување на проект, апликација и реализација на предвидените проекти активности. Во рамките на овој повик, Здружението Пелагона Прва го реализира проектот ,,Ехото на жените планинарки,,.

Генерална цел на проектот беше зголемување на активноста и мотивацијата на веќе активните жени – планинарки, не само при физичката активност, туку и преку зголемување на нивното влијание во заедницата преку вметнување на родовата перспектива при носењето на одлуки од јавен интерес.

Предвидени беа и неколку специфични цели во поглед на:

  • Подобрување на видливоста на жените во планинските спортови
  • Валоризација на outdoor проектите организирани и предводени од жени
  • Мотивирање на девојките и жените за приклучување кон планинските спортови
  • Создавање нови погледи кон женското влијание во заедницата
  • Промена на поимањето и свеста на месното население за жените планинарки
  • Запознавање на поимот планинарење и кои се бенефициите по менталното и физичкото здравје на човекот.

Очекуваните резултати по завршувањето на проектот беше да се создаде нова вредност на жените планинарки во заедницата со која ќе се зголеми нивната видливост и ќе се слушне нивниот глас. А со тоа би се надминале некои проблеми кои меѓугенерациски се провлекуваат со години.

 Конкретно би се промениле ставовите на месното население за жените кои избрале да се занимаваат со планинарење, односно промена на гледиштето дека жената не може истовремено да биде силна, но нежна. Со тоа жените би се охрабриле да превземат посериозни чекори во насока на остварување на нивните сонови кон искачување на нови врвови во светот кои до ден денес не се искачени од нитуедна жена од Македонија.

Паралелно се постигнуваат два бенефити. Од една естрана, жените ќе го добијат признанието за нивната физичка и ментална сила, а од друга страна ќе се промовира промената при дефинирањето на планинарењето како спорт за кој е потребен посебен третман, соодветна програма за негово развивање (какошто имаат поголем број на земјите од светот), креирање на соодветни политики и издвојување на годишен државен буџет за промоција, поддршка и развој. Нормално, во цел овој процес би имало пропорционална вклученост на жените и мажите од државата.